Петровиќ пред гостувањето во Кавадарци: Пелистер е фаворит, но мора да сме внимателни…

Пелистер новата сезона во прволигашката конкуренција ја почнува со денешното гостување во Кавадарци против тимот на Тиквеш (сала Јасмин, 18 часот).„Зелено-белите“ во последните три сезони стигнуваа во финалето, а желба на сите во клубот е оваа година да биде направен тој завршен чекор кон освојување на пехарот.

За таа цел беше доведен Александар Петровиќ за нов тренер, но и квалитетни засилувања за играчкиот кадар кои се потврда за високите амбиции на Пелистер и во новата сезона.

„Од самиот почеток не криеме дека наша желба е да освоиме барем еден трофеј, тоа е нешто што Пелистер како клуб, што оваа управа и навивачите го заслужуваат. МЗТ Скопје е актуелен првак, има квалитетен ростер и му ја препуштаме фаворитската улога, но ние ќе сториме се за да стигнеме до барем еден пехар, тоа е желба на сите во клубот“, изјави тренерот Александар Петровиќ.

„Пелистерци“ веќе одиграа две средби сезонава, најпрвин загубија од МЗТ во Суперкупот на Македонија, а потоа на домашен терен ја совладаа екипата на Широки Бријег на стартот од АБА2 лигата.

„Ние сме нова екипа што се градеше во текот на летово, се комплетиравме пет дена пред мечот со МЗТ и тоа се одрази врз нашата игра на тој дуел, пред се во второто полувреме. Она што го видов против Широки, како игра, залагање и тимски дух, тоа е она што треба да го краси овој тим на Пелистер. Квалитетот на играта ќе се крева од натпревар, но она што го видов како карактер против Широки, во првите 36-37 минути од мечот, навистина ме радува“, вели Петровиќ.

Јасно е дека Пелистер ќе оди по триумф на денешниот дуел со Тиквеш во Кавадарци, но искусниот стратег јасно стави до знаење дека мора со голем респект да се гледа кон денешниот, но и кон сите наредни ривали.

„Тиквеш е квалитетен тим што може да победи секого ако има свој ден. Ние не бегаме од фаворитската улога, но на сите им е јасно дека ниту еден ривал не смее да биде потценет. До победа во Кавадарци можеме да стигнеме само ако одиграме максимално од почеток до крај, тоа е она што го очекувам од мојот тим на денешниот натпревар. По овој меч, следниот викенд го пречекуваме МЗТ Скопје, а потоа имаме добар распоред, што дефинитивно ќе го искористиме за уште повеќе да ја кренеме формата до крајот на годинава“, најавува шефот на стручниот штаб на Пелистер.

Се вчитува...