Петровиќ пред Супер-купот: Не постојат фаворити, очекувам добра кошарка од двете екипи

Кошаркарите на Пелистер вечерва во 19.30 часот (СРЦ Кале во Скопје, директен пренос на МТВ 3) излегуваат на мегдан со МЗТ Скопје во рамките од Супер-купот на Македонија,во битка за првиот трофеј во натпреварувачката 2024/25.

„Пелистерци“ одработеа квалитетни подготовки со контролни средби во Бугарија, Грција и Србија, по враќањето од Златибор на тимот му се приклучи и крилниот центар Мишковиќ, со што тимот беше комплетиран. Тренерот Александар Петровиќ е задоволен од сработеното во изминатиот период, очекува добро издание на својот тим и атак на трофејот во Супер-купот.

„Со начинот на кој функционира како клуб и условите што ние како екипа ги имаме можам да кажам дека Пелистер заслужува трофеј во сезоната што претстои. Секако, сезоната е долга, времето ќе покаже дали ќе успееме, но ние ќе дадеме се од себе за да дојдеме до барем еден пехар во периодот што следи. Она што како тренер можам да го ветам е дека ќе играме убава кошарка на секој натпревар, дека ќе има борба за секоја топка и знам дека навивачите ќе го ценат она што ние ќе го покажуваме на теренот“, вели Петровиќ за официјалната веб-страница на Пелистер.

МЗТ Скопје како актуелен шампион си ја презеде фаворитската улога, но искусниот стручњак дека на вакви мечеви не постојат фаворити ниту аутсајдери.

„Ниту сме ние фаворити, а тие аутсајдери, ниту пак обратно… ова ќе биде дуел на две квалитетни екипи што ќе водат многу битки во текот на сезоната. Очекувам квалитетен меч што ќе го решаваат нијанси. Освојување на Суперкупот би значело многу. Тоа би бил прв трофеј за клубот. По толку финалиња и успеси ни недостига еден трофеј и многу би значел за екипата. Во еден натпревар сите опции се отворени “ – истакнува стратегот на Пелистер во пресрет на денешниот дуел.

Се вчитува...