Александар Петровиќ го одржа првиот тренинг како предводник на КК Пелистер, со што беше означен стартот на подготовките за новата сезона во која битолчани не кријат дека желба им е да се закитат со најмалку еден од двата трофеи на домашната кошаркарска сцена.
Во Петровиќ тие доведоа стратег кој знае како се освојува шампионска титула, а раководството продолжува со формирање на играчкиот ростер со кој „пелистерци“ би се бореле за највисок пласман. За таа цел доведени се две нови домашни засилувања, и тоа Петар Бошалески и Дамјан Крстевски.
Бошалески е бек кој доаѓа од Работнички и е актуелен младински репрезентативец на Македонија. Крстевски пак ќе биде од помош во покривање на крилните позиции во тимот, овој кошаркар пристигнува од таборот на ТФТ, а претходно има настапувано и за Вардар и за Работнички.
За очекување е битолчани во следниот период да го засилат и центарскиот дел од тимот, со што ќе биде финализиран ростерот за стартот на оваа натпреварувачка сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА