Академија ФМП одличната форма во македонското првенство ја потврди и на гостувањето против Гостивар, каде избраниците на тренерот Александар Петровиќ одиграа одличен натпревар и заслужено стигнаа до победата.
За тимот од Кисела Вода ова беше шеста победа во последните седум прволигашки натпревари, нанесувајќи им го на гостиварци првиот домашен пораз сезонава.
„Заслужено триумфиравме, со оглед на фактот дека го контролиравме резултатот од самиот почеток на средбата. Важно беше што одигравме цврста одбрана и го исконтролиравме скокот, што ни овозможи и лесни реализации на спротивната страна. Можеби и требаше порано да ја осигураме победата наместо да се влезе во неизвесна завршница, но кога беше најважно одигравме добра одбрана врз Ворку и заслужено стигнавме до триумфот“, изјави тренерот Петровиќ.
Академија ФМП се врати назад во Скопје по двете тешки гостувања во БИБЛ и поразите од Галил (107-65) и од Макаби Хаифа (95-73), средби што според стратегот на македонскиот тим се од големо значење за добивање на искуство на неговата екипа.
„Резултатски ги загубивме тие натпревари убедливо, но она што го покажавме како игра и како карактер беше сосема солидно. Бевме исклучително борбени и тоа искуство ни беше драгоцено, уште по поразите им кажав на кошаркарите дека ако бидат толку цврсти во одбраната тоа ќе ни донесе резултат против Гостивар. Тоа искуство, од играње на средби против ривали што реално се далеку поквалитетно од нас, беше многу важно за да ја кренеме нашата игра на едно повисоко ниво“, анализира Александар Петровиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА