Првиот човек на Македонската Кошаркарска Федерација, Петар Наумоски, изрази сомнеж во регуларноста на работата на неговиот претходник Даниел Димевски. На вчерашниот состанок на Управниот Одбор на МКФ, Наумоски истакна дека постојат индиции за злоупотреба од страна на Димевски. Даниел Димевски имаше неуспешен обид за враќање во куќата на кошарката, најпрвин со лична кандидатура, а потоа и со поддршка за Зоран Дамјановски како евентуален претседателски кандидат.
МКФ на официјалната веб-страница ги објави одлуките донесени на вчерашниот состанок на УО, обелоденувајќи ја и најавата за ревизија на работата на претходниот претседател.
1. Усвојување на записник од минатата седница, одржана на 22. февруари, 2018 година. Записникот беше усвоен без забелешки од сите 13 членови присутни на седницата.
2. Усвојување на систем, правилник и пропозиции за 3х3 натпреварувањето како и именување на Координатор на 3х3 лигата која ќе ја има својата премиерна сезона претстојното лето. Системот, правилникот и пропозициите беа усвоени, а како координатор на лигата назначен е Драган Караџовски кој воедно е и Претседател на Здружението за популаризација и промоција на кошарката „3х3 Баскетбалл Скопје“;
3. Именување на комисија за одредување критериуми за распределба на средства за партиципација и финансирање на младински рангирани клубови учесници во систем на организирани натпревари од Програма за развој на спорт и млади за 2018 година.
4. Под четвртата точка „разно“ се расправаше по неколку потточки.
4.1 Во месец јуни стартува новиот лиценцен систем за стекнување со тренерски лиценци кои ги издава Тренерската комисија при МКФ.
4.2 Претседателот на МКФ, Петар Наумоски ги информира присутните на седницата околу текот на подготовките за одржување на Европското првенство (дивизија Б) за кошаркари до 18 години кое претстојното лето ќе се одигра в Скопје (27. јули – 5. август).
4.3 Казните, таксите за странските играчи и втората рата од котизацијата во ПЛМ клубовите имаат рок да ги платат до 19. април (четврток) за кое претходно неколку пати ќе бидат потсетувани од страна на МКФ, а на 20. април (петок) клубовите кои нема да ги подмират своите обврски ќе бидат суспендирани од понатамошно натпреварување.
4.3.1 Клубовите од ВЛМ се обврзани котизацијата да ја платат најдоцна до 5. април (четврток), во спротивно ќе бидат суспендирани од понатамошно натпреварување.
4.4 Од страна на Претседателот на МКФ беше изнесено дека постојат индиции за злоупотреба од страна на претходното раководство на чело со поранешниот Претседател Даниел Димевски. Во иднина ќе се ангажира ревизија за детално да се испитаат работите и индикациите за да бидат предочени на УО, кој ќе одлучува за понатамошните дејствија. Ова беше кажано со цел да се отстранат сомнежите дека во актуелното раководство или во организацијата нешто се затскрива или се штити претходното раководство.
4.5 По предлогот на КК Шкупи за проширување на ПЛМ беше изгласано против и заклучено е да се направи анализа и какви било дополнителни промени пред почетокот на следната сезона.
4.6 Во врска со безбедноста на салите пред почетокот на Супер лигата беше укажано дека две спортски сали („Градски Парк“ – Скопје и „Спортска“ – Куманово) не ги исполнуваат зададените критериуми за одигрување на натпревари во Супер лига и клубовите коишто играат во истите ќе мора да ги отстранат неправилностите пред почетокот на првиот суперлигашки натпревар за да играат во тие сали. Воедно, доколку се случи прекин во која било сала (по кој било основ) во која било назначено дека има неправилност, во текот на Супер лигата или Плејофот, истата ќе биде прогласена за небезбедна и забранета за игра во понатамошниот дел од Супер лигата и Плејофот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА