Петте најлегендарни борби на „Кро Коп“

Мирко Филиповиќ ја шокираше јавноста со одлуката да означи крај на кариерата обелоденувајќи дека неодамна преживеал мозочен удар. Сепак, извонредната кариера на Хрватот е доволен повод за навраќање на неговите пет најлегендарни борби низ годините…

 

5. Александер Емелианенко

Мирко Филиповиќ пред борбата со Фјодор брутално го нокаутираше братот на Русинот, Александер Емелианенко, најавувајќи ја големата битка со шампионот. Борбата се одржа како дел од „Прајд конфликт“ во 2004 година, кога Хрватот со „хај-кик“ веќе во првата рунда го легна на земја рускиот ривал.

4. Мајк Бернардо

Својата прва борба во Осака хрватскиот ас ја имаше против легендата на кик-боксот, денеска покојниот Мајк Бернардо. Борбата се одржа во 1999 година, Филиповиќ три пати го легнуваше на подот јужнафриканскиот борец, кој на крајот капитулираше.

3. Игор Ворчанчин

Украинецот Ворчанчин дојде на мегдан со „Кро Коп“ со серија од 37 борби без пораз. Сепак, тој настрада од левиот „хај-кик“ на Филиповиќ, по само една минута и 29 секунди борба во која Хрватот во голем стил триумфираше.

2. Џош Барнет

Круна на кариерата на „Кро Коп“ во 2006 година, кога со четири извонредни победи стигна до „Прајд гран-при“ трофејот. Во првото коло го совлада Јапонецот Миново, во второто Јошида, во полуфиналето брутално го нокаутираше Вандерли Силва, за најдоброто од себе Филиповиќ да го покаже во големото финале, славејќи и против Џош Барнет.

1. Фјодор Емелианенко

Најочекуваната борба во историјата на ММА, Филиповиќ совлада тројца светски шампиони (Барнет, Ранделман и Колмен), изборувајќи се за правото да го предизвика рускиот великан на овој спорт. Во првата рунда „Кро Коп“ му го скрши носот на страшниот Русин, но тоа беше се што успеа да стори, Русинот доминираше до крајот на борбата и на крајот заслужен славеше со едногласна судиска одлука.

Се вчитува...