Петте заповеди на Јуп Хејнкес…„Не заборавајте дека сите му се плашат на Баерн Минхен!“

Сите го сметаа веќе за „пензионер“, но тој се врати од пензија по заминувањето на Карло Анчелоти и го исправи бродот на Баерн Минхен повторно на победничкиот хоризонт. Одличната работа на искусниот стратег повторно донесе шампионска титула во Бундес-лигата на „Алијанц арена“, а се бори и з „трофејот со уши“ во Лигата на шампионите.

Тој си има свои принципи на работа и не отстапува од нив веќе долго време. Така ја освои Лигата на шампионите своевремено и со Реал Мадрид, истите методи на работа ги применува и во Баерн Минхен.  Еве ги петте заповеди на Јуп Хејнкес.

Дисциплина – на максимално ниво!

Искусниот стратег бара војничка дисциплина од фудбалерите. Има неверојатен авторитет кај играчите, па никој не ни помислува да се спротивстави или да му одрече. За него сите се подеднакви, нема попуст ниту за Рибери, ниту за Робен, ниту за најмладите. За да дојде во неговата канцеларија секој играч треба претходно да се најави. Во спротивно, може да биде отстранет и да не тренира со првиот тим во наредните три дена. Секое правило има и исклучок, но само доколку за тоа се има многу добро оправдание.

Нема журки, бара врвна професионалност

Полноќни забави не смее да има, се живее спортски, и се е подредено на тренинзите и на натпреварите. Секое поинакво однесување апсолутно не се толерира. Хејнкес е старомоден, но многу принципиелен фудбалски тренер. Секој фудбалер што ќе биде забележан дека дел од своето слободно време го користи непрофесионално, ќе биде строго казнет. Нема милост апсолутно за никого.

На тренинг зборува само шефот!

Хејнкес јасно им става до знаење на фудбалерите дека нема намера да биде „дежурен полицаец“ и да ги следи во чекор дали добро ја одработиле вежбата. Но, затоа им соопштува дека ќе следат строги мерки доколку тој воочи некои аномалии и недисциплина во тимот. Најстрого забранува фудбалерите да зборуваат за време на тренинзите, а тоа право го има само тој и неговите помошници. Фудбалерите добиваат дозвола само ако треба да кажат нешто што е од тимско значење.

Службен јазик е само германскиот

Во редовите на Баерн Минхен има голем број интернационалци, Французинот Франк Рибери, Холанѓанецот Арјен Робен, Шпанецот Хави Мартинез, Полјакот Роберт Левандовски… Но, тие во просториите на клубот не смеат да зборуваат на својот мајчин јазик. Сите членови на Баерн Минхен мораат да говорат на германски јазик, а екипата мора да мисли и да функционира како еден човек. Затоа, нема „екскурзии“ на француски, шпански, холандски јазик…  Така фудбалерите максимално ќе го почитуваат клубот и ќе знаат дека токму Баерн Минхен и неговите успеси се најважни.

Клубот е над сите

Хејнкес максимално ја почитува клупската структура, а бара тоа да го прават и фудбалерите. Секој состанок го завршува со реченицата: „не заборавајте дека сите му се плашат на Баерн Минхен!“. Тој во секој свој говор им истакнува на фудбалерите дека треба да играат за боите на клубот, а не за сопствената статистика и рејтинг.

 

 

 

 

 

 

 

Се вчитува...