Инвестициската група Космос, во сопственост на фудбалерот на Барселона, Џерард Пике, го купи минатата година фудбалскиот клуб Андора од истоимената пиринејска држава.
Клубот кој е основан во 1942 година се натпреварува во пониските лиги на Шпанија. Моментално е во шести ранг натпреварување со статус – аматерски. Но, со преземањето на Пике клубот веќе дејствува далеку посериозно.
„Никој не мислеше дека Андора би можела да има интересна перспектива. Но ние анализиравме и мислевме дека има потенцијал. Затоа е сега тука дел од нашата корпорација со сериозни планови во иднина“ – вели директорот на Космос, Феран Виласека.
Пике за клубот слушнал преку пријател од Андора, па помислил дека може да биде добра работа.
„Главната разлика во однос на другите клубови во Шпанија е тоа дека целата земја дава поддршка за тимот. Не сакаме да бидеме само инвеститор, туку да бидеме вклучени и во тимот и да го направиме подобар. На почетокот на натпреварите на тимот имаше десет гледачи, а сега на секој меч е најмалку по 400“ – вели Пике.
Пике првиот потег кој го направил е именувањето на поранешниот фудбалер на Барса, Габри во стручниот штаб. Габри со Барселона ја освои Лигата на шампионите во 2006 година, а пред да ја прифати работата во Андора беше тренер на Сион.
„Пријателите ме прашуваа што правам, дали сум сигурен. Им беше необично. Го оставив професионалниот фудбал и се спуштив неколку лиги. Но, Џерард Пике ме убеди со својот став да ја прифатам работата. Немам што да загубам, а може многу да добијам“ – вели Габри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА