Пике ја завршува кариерата: Еден ден повторно ќе се вратам во Барселона…

Шпанскиот фудбалер Жерар Пике во сабота на натпреварот од 13. коло во Ла Лига и официјано ќе ја заврши својата играчка кариера. Оваа одлука стоперот на Барселона ја потврди на социјалните мрежи и истата доаѓа многу неочекувано.

Во последните неколку дена се шпекулираше за можен раскин на договорот од страна на Барселона, но најверојатно во обид да се спречи лошо сценарио тој дествува пред клубот.

Пике кој потекнува од младинската школа на Барселона беше дел од тимот од 1997 до 2004 година кога премина во Манчестер Јунајтед, но на „Камп Ноу“ се врати во 2008 година. Оттогаш одигра 615 натпревар во каталонскиот дрес, осум пати освојувајќи ја Ла Лига, седум пати Купот на Шпанија, шест пати Суперкупот на Шпанија, три пати Лигата на Шампиони, три пати УЕФА Суперкупот и ФИФА Клупското светско првенство.

Тој беше дел од шпанската репрезентација од 2009 до 2018 година со која во 2010 година го освои Светското првенство и во 2012 година Европското. Ќе остане запамтен и во македонскиот фудбал како еден од стрелците на „црвената фурија“ на пријателскиот натпревар одигран на „Градски“ во 2009 година.

„Навивачи, овде Жерар. Последните неколку недели и месеци многу се говореше за мене. Јас досега не кажав ништо, но сега јас ќе бидам тој кој говори…

Да се биде првотимец на Барселона и да се освојат сите можни трофеи, да се биде првак на Европа и светот. Да играш заедно со најдобрите играчи на сите времиња и да бидеш нивни капитен и пријател засекогаш. Поминаа 25 година откако пристигнав во Барселона. Фудбалот ми даде се, Барселона ми даде се. Вие навивачите ми дадовте се. И сега кога детскиот сон ми е остварен, сакам да ви кажам дека е време за крај. 

Саботниот натпревар ќе ми биде последен на „Камп Ноу“. Ќе бидам само обичен навивач, но секогаш ќе ја бодрам Барселона. А ме знаете. Еден ден, порано или подоцна ќе се вратам. Се гледаме на „Камп Ноу“. Да живее Барселона“, вели Пике во дел од обраќањето.

 

Се вчитува...