Жерар Пике повторно е во центарот на вниманието на шпанската јавност откако дефанзивецот на Барселона денеска се појави на прес-конференција пред бројните новинари. Темата е добро позната – ставовите на Пике околу независноста на Каталонија, поради што овој фудбалер си собра огромен број непријатели. Тој беше исвиркуван од навивачите за време на отворениот тренинг на „црвената фурија“, но Пике нема намера свирежите од фановите да го избркаат од националниот тим.
„Ако се пензионирам, ќе им олеснеше на многумина, но тоа ќе претставуваше победа за сите оние кои ме исвиркуваа. Никој не може да се сомнева во мојата лојалност кон шпанската репрезентација, од 15-годишна возраст го носам овој дрес и ќе продолжам да го правам тоа во иднина. Оние кои ми свират? Би ги зел сите на вечера, ќе разговараме за тие теми што ги мачат и ве уверувам дека повеќе нема ниту еднаш да ми свирнат“ – истакна Пике.
Следеше и крајно незгодното прашање, на кое одбранбениот фудбалер одговори политички.
„Дали Каталонија треба да биде независна? Тоа е прашање за милион долари, не можам да одговорам. Што и да кажам, ќе загубам половина од луѓето. Ќе кажам само дека моите синови се Каталонци, Шпанци, Колумбијци и Либанци. Земјите не се толку важни колку што ги претставуваат многумина“ – одговори членот на Барселона.
Тој сепак искажа интересно гледиште околу конфликтот и желбата за автономија на каталонскиот народ.
„Шпанија и Каталонија се како татко и син кој сака да си замине од дома. Ако таткото зборува со синот, можеби ќе го убеди да остане, најважно од се е почитта и дијалогот. Мора да се направи обид двете страни да се разберат, да ги приближат своите ставови. Тоа е поголемо од мене, тоа е дел од Шпанија што сака да се оддели, милиони луѓе кои сакаат да гласаат. Моето мислење воошто не е важно, она што е важно е политичарите да си ја работат работата – да најдат решение со дијалог, а не со насилство“ – порача Пике.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА