Жерар Пике никогаш не ја криел својата вљубеност во тенисот, па фудбалерот на Барселона е чест посетител на турнирите ширум Шпанија. Тој се појави и на турнирот во Мадрид, од каде испрати порака до челниците на тенискиот спорт со предлог за „револуција“ во репрезентативниот тенис.
„Треба да се формира натпреварување во стилот на Дејвис-купот, но да не се влече цела година туку да трае само една седмица. Во него би учествувале 16 репрезентации, кои би играле во нокаут-систем, како на фудбалските или кошаркарските големи натпреварувања“ – истакна Пике.
Според фудбалерот, токму развлеченоста на Дејвис-купот е главна причина што голем дел од врвните тенисери ги откажуваат настапите за своите репрезентации, нешто што би се избегнало доколку би се прифатил неговиот предлог.
Идејата на Пике наиде на одобрување кај најзвучните имиња на светскиот тенис.
„Тоа би било навистина интересно, сметам дека на тенисот му е добредојдена таква промена. Доколку се реализира, би било одлично“ – истакна Енди Мареј, на кого се надоврза Рафаел Надал: Меѓународната Тениска Федерација е статична со години, останува заклучена за нови идеи и решенија. Пике предлага своевиден Светски куп и верувам дека тоа би бил многу интересен систем на натпреварување. Се надевам дека идејата ќе заживее“ – додаде Шпанецот.
Новак Ѓоковиќ исто така упати пофалби за ваквата идеја на шпанскиот репрезентативец.
„Да се види еден врвен фудбалер како покажува интерес за тенисот е навистина одлично, особено што се однесува до бизнисот. Тоа може да донесе само нешто позитивно, веќе имам разговарано со Пике на оваа тема, која ја сметам за фантастична“ – изјави Новак Ѓоковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА