Пикси бесен на новинарите: Најдете си нов селектор, честитки до Албанците за атмосферата

Драган Стојковиќ – Пикси ја продолжи војната со српските медиуми порачувајќи им на новинарите да си најдат нов селектор по дуелот во Тирана.

Поголемиот дел од извештаите од дуелот Албанија – Србија беа со негативни описи за играта на нашиот северен сосед, што очигледно му пречеше на селекторот. Воедно, тој гласно ги пофали албанските навивачи за атмосферата создадена на овој „дуел од висок ризик“ .

„Значи не ви се допадна мечот? Не ви се допадна? Па најдете си нов селектор! Атмосферата беше фантастична, им честитам на албанските навивачи за тоа. Посакувам и ние да имаме ваква атмосфера на нашите домашни натпревари“, прокоментира Пикси, па продолжи осврнувајќи се на мечот…

„Мораме да ја подобриме реализацијата. Шансите што ги имавме… една или две топки можеа да завршат во мрежата на Стракоша, но не се снајдовме најдобро. Ова беше исклучително тешко гостување против силен ривал, а ние имавме контрола над топката, контрола на темпото, ги неутрализиравме нивни напади. Добра борба, добар дух, енергија… Албанците видоа дека не можат да се носат со нас, затоа и мораа да играат повнимателно“, додаде Драган Стојковиќ.

Се вчитува...