Пикси: Имавме многу проблеми – одиме понатаму, на ред е пласман на ЕП

Селекторот на Србија, Драган Стојковиќ – Пикси претрпе многу критики како ја водеше селекцијата на Мундијалот во Катар. Репрезентацијата загуби на одлучувачкиот меч со Швајцарија вчера, и беше елиминирана од Светското првенство уште во групната фаза, и покрај тоа што допатува во Катар со многу големи амбиции.

Се најавуваа некои резултати и пласман дури меѓу најдобрие осум, меѓутоа селекцијата на нашиот северен сосед со само еден бод и со дури осум примени гола ги заврши настапите на Мундијалот.

Селекторот Стојковиќ после мечот кажа дека селекцијата имала многу проблеми на ова Светско првенство.

„Да честитам на Швајцарија на заслужената победа. Сигурно дека не сме задоволни од резултатот, но со оглед на проблемите кои ги имавме од доаѓањето на Мундијалот, имајќи ги во предвид физичката ситуацијата, односно повредите на клучните играчи, момците го дадоа максимуимот. Момците се бореа, дадоа се од себе, но на ова ниво тоа не е доволно“, рече Стојковиќ.

Запрашан дали продолжува на клупата на Србија, тој рече…

„Нормално дека продолжуваме со работа, во март почнуваме квалификации за Европско првенство и сакаме да обезбедиме пласман после 24 години“, рече популарниот Пикси.

Тој призна дека после мечот им пружил рака на фудбалерите…

„Им пружив рака и им реков дека мораме да бидеме големи и кога ни оди, и кога не ни оди. Целосно мирна атмосфера. Момците во ваква ситуација каква што се, дадоа максимум. Сигурно дека имавме проблеми во дефанзива, но тоа е за длабока анализа“, изјави Стојковиќ кој кажа дека никој од Швајцарија не го испровоцирал, и дека е изненаден од победата на Камерун над Бразил.

Се вчитува...