Пикси подготвува големо изненадување во составот за дуелот со Албанија

Драган Стојковиќ Пикси подготвува големо изненадување во составот на Србија за претстојниот квалификациски дуел со селекцијата на Албанија. Како што информираат медиумите од северниот сосед, Пикси планира во составот да го вклучи 26-годишниот дефанзивец Ранко Веселиновиќ, кој е анонимус на европската фудбалска сцена ако се знае дека настапува во МЛС-лигата за тимот на Ванкувер.

Стојковиќ ја следи формата на овој фудбалер, кој со Ванкувер се пласираше во финалето на КОНКАКАФ Европскиот куп, притоа во полуфиналето елиминирајќи го Интер Мајами предводен од Лео Меси и Луис Суарез.

Токму Веселиновиќ беше меѓу најдобро оценетите фудбалери на Ванкувер во овој двомеч, што беше уште посилен сигнал до стручниот штаб на српската репрезентација да го повика за јунските квалификации. Пикси во наредните денови ќе ја соопшти конечната одлука, но добро упатени извори тврдат дека Веселиновиќ ќе се најде на неговиот список, а селекторот по одржаните тренинзи ќе реши дали фудбалерот на Ванкувер ќе се најде и на теренот против Албанија.

Веселиновиќ има одиграно две средби за Србија, но двете се пријателски, тој дебитираше во јануари 2021 против Доминиканската република, а две години подоцна беше повикан и од Стојковиќ за ревијалниот натпревар со селекцијата на САД. Доколку настапи против Албанија, тоа ќе биде негово деби на еден официјален меч за националниот тим.

Се вчитува...