Драган Стојковиќ – Пикси „преживеа“ уште еден неуспех како селектор на Србија на големите натпреварувања, откако фудбалската федерација на северниот сосед реши да го задржи овој стратег на кормилото и за наредниот квалификациски циклус.
Пикси во знак на бојкот кон медиумите што го критикуваа одбива да дава изјави во јавноста, но затоа се појави со мега-интервју на официјалната веб-страница на Фудбалската Федерација на Србија, на која го повтори ставот дека на резултатот на својата репрезентација на ЕП не треба да се гледа како на фијаско.
„Имав можност да зборувам со Капело, Венгер, Клоп, Бенитез, со Дејвид Мојес… нивното мислење не се разликува премногу од онаа анализа што ние ја направивме и ја доставивме до Управниот Одбор. Капело ми кажа дека не не сме заслужиле да загубиме од Англија, ми вели: Не беше тоа толку лошо, но мора да се даде гол да се победи. Советот од сите ми беше ист, да останам со главата горе, да извлечам поуки, да го освежам тимот во иднина, им се допадна мојата идеја заподмладување на репрезентацијата“, изјави Стојковиќ.
Српскиот селектор се осврна и на големиот успех на Шпанија и триумфот на „црвената фурија“ на овој европски шампионат.
„Од првата до последната средба на овој шампионат беше очигледно дека Шпанците се доминантни во сите сегменти на фудбалската игра во однос на своите противници, а имаа навистина силни ривали. Рекордите што ги урнаа на патот до овој трофеј доволно говори за нивната супериорност, тие одиграа беспрекорно, техника, брзина, пресинг, беспрекорна физичка подготвеност. Зборував со колегите за време на финалето, сите се согласни дека голема предност им е што Де ла Фуенте стана селектор откако долги години работеше во младите категории, сите овие играчи имаат настапувано за него, тој ги знае овие деца „во душа“, знаеше што можат да понудат и како да го извлече максимумот од секој од нив“, прокоментира Драган Стојковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА