Репрезентацијата на Србија ја очекува тешко гостување во Виена против националната селекција на Австрија, како прв дуел од двомечот за опстанок во А-дивизијата од Лигата на Нации или преселба во Б-дивизијата.
Србите се соочуваат со големи проблеми со составот, неколку првотимци предводени од браќата Милинковиќ – Савиќ одбија да играат за националниот тим додека Стојковиќ е селектор, а згора на тоа вечерва на теренот во Виена нема да можат да се појават суспендираните Миленковиќ, Павловиќ, Терзиќ и Живковиќ. Ако на тоа се додаде дека се повредени Митровиќ и Вељковиќ, јасно е дека Стојковиќ со големи проблеми го дочекува овој меч во кој главна цел ќе биде да се избегна пораз.
„Без оглед на тоа што не успеавме во Лигата на Нации, како тренер морам да изразам задоволство од она што го прикажавме како тим. Дуелите со Шпанија, Швајцарија и Данска беа предизвици за нас, ја победивме Швајцарија по 20 и нешто години, Данците ни се извлекоа, ќе ги добиеме и нив, кога-тогаш… Сега сме фокусирани само на Австрија. Имаме огромни проблеми со играчкиот кадар, некои момци се повредени, некои се суспендирани. Не ми пречи што на Австрија се гледа како на фаворит, немам ништо против тоа. Со оглед на ситуацијата, веднаш би потпишал за реми во Виена, тоа би било добро пред реваншот во Белград, но јас никогаш не ја подготвувам екипата за да се брани и да игра на нерешено. Ќе излеземе на терен и ќе играме храбро, со цел да стигнеме до што подобар резултат“, истакна Стојковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА