Пилиповиќ се збогува од Охрид, следи камбек во Швајцарија

Престојот на Кристијан Пилиповиќ во Охрид ќе трае помалку од една година откако хрватскиот голман веќе донесе одлука да си замине од таборот на „сино-белите“ и да се врати назад во швајцарскиот шампионат.

За потсетување, искусниот чувар на мрежата кон крајот на октомври потпиша за Охрид од редовите на Кадетен Шафхаузен, наметнувајќи се како клучен играч во одличните резултати во претходните два месеца на охриѓани. Сепак, Пилиповиќ реши да си замине на крајот на сезонава и веќе потпиша договор од јули 2026, и тоа со швајцарскиот суперлигаш Криенс Луцерн.

„Ја чувствувам истата страст во Луцерн како страста на ракометот што ја носам во себе. Заедно, можеме да испишеме историја, нова ера на овој клуб“, изјави Пилиповиќ по потписот на договорот со кој се враќа назад во швајцарскиот ракомет.

Охриѓани веќе договорија нов голман за наредната сезона, и тоа Хрватот Дино Славиќ, кој блескаше во подготвителниот период и се избори за место во хрватскиот национален тим за претстојниот европски шампионат.

Се вчитува...