Пиоли: Борусија Дортмунд не е свесна каков пекол ја очекува на „Сан Сиро“

По репрезентативната пауза возбудувањата на клупско ниво се враќаат со Лигата на Шампионите каде оваа седмица ќе биде комплетирано петтото коло кое воедно ќе даде и појасна слика за патниците во фазата на разигрување за највредниот трофеј во сезоната.

Најинтересни ќе бидат дуелите од „групата на смртта“ со фокусот на средбата на „Сан Сиро“ каде Милан ќе ја пречека Борусија Дортмунд. Овој натпревар е од големо значење за „росонерите“ кои немаат право на грешка пред сопствените навивачи доколку сакаат поголеми шанси за место во нокаут-фазата.

Тоа добро го знае и тренерот Стефано Пиоли кој се надева на пеколна атмосфера и огромна поддршка за ветер в грб до трите бода.

„Играме многу важен натпревар кој може да донесе пресвртница во групата. Борусија е силен тим, мора да бидеме концентрирани во текот на целиот натпревар. Ќе кажам само една работа. Кога заминавме таму, ние бевме подготвени за „жолтиот ѕид“, но тие не знаат како изгледа „Сан Сиро“ во натпревар од Лигата на Шампионите. Ние добро знаеме како изгледа тоа, сигурен сум дека фановите ќе ни помогнат.

Натпреварот со ПСЖ ни е појдовна точка. Примивме први гол, но продолживме напред и сплотени стигнавме до целта. Мора да имаме таков менталитет, бидејќи да бидам искрен, очекувам малку поинаков меч. Борусија е поразличен тим од ПСЖ и очекувам да имаме помалку простор за игра“, изјави Пиоли.

Се вчитува...