Пиоли: Ибрахимовиќ е најголемиот борец против расизмот во фудбалот

Милан претрпе два тешки порази во изминатите седум дена. Најпрвин во Серија А од Аталанта загуби на домашен терен со 0-3, а потоа и во четвртфиналето на Купот Италија беше елиминиран од градскиот ривал Интер (2-1). Сепак, тренерот на „росонерите“, Стефано Пиоли, се насочува кон нови предизвици што го очекуваат лидерот на Серија А во периодот кој следува.

Веќе утре Милан ќе гостува во тимот на Болоња, предводен од клупата на српскиот стручњак Синиша Михајловиќ.

„Немаме зошто да се вртиме назад, ние треба да гледаме само напред. Размислуваме само за натпреварот против Болоња, противник што може да биде многу незгоден. Тие играат многу интензивен фудбал и ќе ни треба одлична игра за да можеме да се надеваме дека ќе победиме“, вели Пиоли.

Повеќекратниот европски шампион во моментов има два бода повеќе од Интер и шест од Рома. Можеби на почетокот од сезоната беше неочекувано, но Милан е сериозен кандидат за титулата по долги години „пост“.

„Имаме 18 поени повеќе отколку во истиот период минатата година. Заостанувавме 17 бода зад Јувентус и Интер, а сега сме пред нив. Секако дека ништо не е готово. Шест или седум клуба се натпреваруваат за титулата. Не ни е гајле што е напишано или кажано. Ние треба само да се концентрираме на теренот. Ние сакаме да покажеме колку сме сериозни“, рече Пиоли.

Тренерот на Милан се осврна и на црвениот картон на Ибрахимовиќ во четвртфиналето од Купот на Италија, како и на конфликтот што го имаше со Ромелo Лукаку.

„На Златан му е жал што ги остави своите пријатели на цедило, но тој е целосно подготвен за натпреварот против Болоња. Она што се случи не е убаво. Јас не го бранам, но тоа се случува во фудбалот. Сигурен сум во една работа. Ибрахимовиќ не е расист, време е да престанеме да зборуваме за тоа. Тој секогаш бил во првите редови кога станува збор за борба против секаков вид дискриминација“, истакна Пиоли.

Се вчитува...