Милан славеше против Лацио во Рим по пресврт од 2-1 и со тоа остана лидер на табелата во Серија А. Тренерот Стефано Пиоли беше пресреќен по победата извојувана со гол во продолжението.
Менаџерот на „росонерите“ не го криеше своето задоволство по ваквиот исход, па истакна дека е горд на своите играчи.
„Единственото вистинско чувство во вакви моменти е среќа и радост. Горд сум на моите играчи и да сум на нивно место, би бил лут, бидејќи тие не ја добиваат почитта што ја заслужуваат. И со години покажаа дека ја заслужуваат таа почит“, изјави Пиоли.
Јунак на мечот беше Сандро Тонали, кој првенствено е задолжен за дефанзивните задачи, но овојпат тој беше стрелец на победничкиот гол.
„Ги придвиживме дефанзивците напред во вториот дел, па Тонали мораше да оди подлабоко. Но, кога ќе го почувствувате моментот да продолжите напред, мора да го искористите. Секогаш им кажувам на моите играчи да бидат одлучни, да користат импулс и да создаваат шанси за себе“, потенцираше Пиоли.
Милан има предност на табелата, но Интер има заостанат натпревар против Болоња во среда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА