Пиоли: Милан не се предава, ќе стори се за да игра финале

Стефано Пиоли беше разочаран по поразот на неговиот тим од 0-2 од Интер, во првиот полуфинален меч од Лигата на Шампионите. Стратегот на Милан немаше објаснување за падот на концентрацијата на самиот почеток, откако Интер за десетина минути постигна два гола шокирајќи ги неговите фудбалери.

„Факт е дека Интер беше подобар противник во првото полувреме. Сепак, тие до таа седма минута воопшто не влегоа во нашиот шеснаесетник, а потоа дадоа гол од првиот корнер што го изведоа. Бевме шокирани, тие дадоа уште еден гол, знаеја како да ги искористат шансите што ги создадоа. Ние бевме подобар ривал во второто полувреме, но не ги реализиравме нашите шанси и затоа претрпевме пораз. Недозволиво е да се направат толку грешки во едно полуфинале од ЛШ, ја плативме цената за тоа“, изјави Пиоли.

Шефот на стручниот штаб на Милан најави жестока борба на реваншот следната седмица, јасно ставајќи до знаење дека Милан ќе стори се за да ја надополни оваа негатива.

„Реакцијата што ја покажавме во второто полувреме ме радува, наметнавме ритам и создававме шанси. Едно е сигурно, нема да се предадеме на реваншот, ќе сториме се за да се вратиме и да играме финале. Секако, ќе мораме да бидеме офанзивни од првата минута, но верувам во Милан и во карактерот што го поседува нашата екипа“, порача Стефано Пиоли.

Се вчитува...