Стефано Пиоли преживеа уште една бура во Милан, откако стратегот што пред две години донесе шампионска титула се соочи со опасност од отказ по поразот од Салернитана, со кој „росонерите“ загубија нови бодови во трката за највисок пласман.
Раководството на клубот сепак му искажа доверба на Пиоли, кој тврди дека воопшто не стравува дека ќе добие отказ, но и е свесен дека мора што поскоро да го внесе тимот во победничка серија.
„Не се плашам од отказ, верувам во својата работа и убеден сум дека ќе донесе резултат. Од друга страна, знам дека можеме уште подобро, имаше ситуации кога моравме да реагираме подобро, јас како тренер и фудбалерите на теренот, сето тоа придонесе да загубиме бодови кои очекувавме да ги освоиме. Моите размислувања се јасни, имаме неверојатни навивачи кои ни даваат поддршка во тешките моменти. Милан е клуб со наследство што мораме да го штитиме бидејќи е вистинска реткост“, изјави Пиоли.
Милан моментно се наоѓа на третото место на табелата со единаесет бода заостанување зад водечкиот Интер. „Росонерите“ утре во последниот меч од 2023 година на домашен терен ќе го пречекаат Сасуоло, дуел на кој мора да стигнат до цел плен, во спротивно клупата на Пиоли ќе почне повторно сериозно да се „тресе“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА