Милан се наоѓа многу блиску до титулата во Калчо-лигата, но тренерот Стефано Пиоли предупредува дека „росонерите“ мораат да останат максимално фокусирани на преостанатите две средби, од кои првата е оваа денешната на домашен терен против Аталанта.
Противникот знае да биде многу незгоден, но Пиоли очекува ново добро издание на неговите избраници, за продолжување на серијата одлични резултати со кои „росонерите“ се искачија на првото место на табелата.
„Секој меч за нас е финале, така е веќе извесно време, но секогаш успевавме да одговориме на предизвикот. Верувам дека ќе биде така и против Аталанта, незгоден ривал кој игра квалитетен фудбал, но ние сме подготвени. Не постои никаква тензија во нашата соблекувална како што се зголемува притисокот, сите уживаме во она што го правиме, играчите се максимално дисциплинирани во извршувањето на работните обврски што ги добиваат од стручниот штаб“, истакна Пиоли.
Денешниот натпревар е последен на домашен терен за Милан, па многу лесно може да се покаже и последен на „Сан Сиро“ за Златан Ибрахимовиќ, кој се мачи со незгодна повреда и сериозно размислува летово да ја заврши кариерата.
„Последниот танц на Ибра? Се надевам дека не е така, бидејќи тој е шампион со големо Ш. Не зборувам само за фудбалските квалитетите, туку за лидерството и самодовербата, почитта што ја имам кон Златан не може да се опшие со зборови. Искрено се надевам дека Ибрахимовиќ ќе продолжи да игра и следната сезона, но тој е доволно интелигентен за самиот да одлучи за својата иднина и да ја донесе најдобрата можна одлука“, изјави стратегот на Милан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА