Пиреш: Силекс е подготвен да се бори за победа против Вардар

Домашниот терен оваа пролет за Силекс не се покажа како предност. Кратовскиот прволигаш и натаму ја бара првата победа дома, откако ремизираше против Башкими, и загуби од Шкендија. На гостински терен, пак, од трите меча имаат две победи и едно реми, она со Пелистер минатото коло кога одиграа без голови.

И покрај ова, од кратовскиот тим со оптимизам влегуваат во пресметката со лидерот на табелата Вардар, со надеж дека ова ќе биде почеток на една победничка серија на домашен терен.

Мигуел Пиреш, португалскиот интернационалец во редовите на Силекс, верува дека неговиот тим може да дојде до бодовите, со што кратовскиот тим би ја намалиле разликата од првопласираниот тим на табелата.

„Очекувањата се секогаш исти од секој натпревар – три бода. На првиот меч против нив имавме чувство дека со малку повеќе среќа можевме да избегнеме пораз. Нашиот противник е лидер, тоа е затоа што прават се како треба. Им требаат бодовите да останат лидери, а нам ни се потребни да ја намалиме разликата. Ваквите натпревари се секогаш тешки“, изјави Пиреш.

На прашањето дали „стравува“ од домашниот терен, со оглед дека кратовскиот тим ја бара првата победа на својот стадион пролетва, Пиреш со одговор:

„Условите на теренот беа полоши, и тоа не ни помогна да го форсираме нашиот стил на игра. Сега мислам дека условите се подобрени, и затоа очекувам да почнеме нова победничка серија на домашен терен. Атмосферата во тимот е добра. Ако има некои натпревари во кои играчите уживаат да играат, тоа се ваквите мечеви. Затоа најважно е да бидеме подготвени да се бориме за трите бода“, рече португалскиот фудбалер.

Натпреварот меѓу Силекс и Вардар е со почеток во 14 часот.

Се вчитува...