Пирло веќе не го брани Роналдо: Згреши и треба да биде казнет…

Кршењето на здравствените протоколи на Кристијано Роналдо, за да замине на романтична вечера со Георгина Родригез се уште е актуелна тема во Италија, каде јавноста бара асот на Јувентус да биде казнет за своето неодговорно однесување.

Тренерот Андреа Пирло вообичаено цврсто стои во одбрана на своите фудбалери, но во оваа ситуација стратегот на „старата дама“ застана на страната на правдата, тврдејќи дека Роналдо мора да се однесува поодговорно во период на пандемија од коронавирус.

„Тој не го прекрши клупскиот правилник, доби слободен ден и можеше да прави што сака. Сепак, тоа „што сака“ не значеше и кршење на државните протоколи. Знам дека постои истрага и ќе оставиме тие луѓе да си ја завршат работата, но Кристијано мора да увиди дека згрешил, да преземе одговорност за своите постапки и да ја прифати казната што ќе му биде изречена“, истакна Пирло.

Јувентус утре се среќава со Сампдорија, гостување за кое Пирло повторно ќе може да смета на Португалецот, кој не настапи на последниот меч од Купот на Италија против СПАЛ.

Се вчитува...