Поранешниот англиски репрезентативец Питер Крауч денеска објави дека ја завршува својата фудбалска кариера. Овој 38-годишен голгетер ја мина ланската сезона во Барнли, каде имаше минимална минутажа, а откако не доби интересни понуди на почетокот од летото му стана јасно дека е дојдено време за збогување од фудбалските терени.
„Имав 23 години да се подготвам за овој момент, но сега кога дојде гледам дека не може да се биде подготвен за да се збогуваш од она што ти претставувало најголемо задоволство. Дојде времето да зборувам за себе како за „поранешен фудбалер“, неверојатното патување од кое бев дел уште од 16-годишна возраст денеска дефинитивно завршува. Мојата желба беше да играм до 40-годишна возраст, но околностите од претходните неколку сезони придонесоа да увидам дека сега е вистинскиот момент за оваа одлука“ – објави Питер Крауч.
Тој зад своето име има и 42 настапи за англиската репрезентација, постигнувајќи 22 погодоци. Питер Крауч во кариерата ги бранеше боите на Квинс Парк Ренџерс, Астон Вила, Норвич, Саутемптон, Ливерпул, Портсмут, Тотенхем, Стоук и Барнли.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА