Питер Крауч влегува во Гинисовата книга на рекорди

Напаѓачот на Стоук, Питер Крауч денес доби признание од Гинисовата книга на рекорди за фудбалер кој постигнал најмногу голови со глава во историјата на Премиер-лигата. Искусниот голгетер има постигнато вкупно 51 во својата кариера за сите клубови во кои играл низ најелитната англиска лига, а неговот име во книгата ќе се појави во изданието кое е планирано за 2018 година.

Својот прв гол со глава го постигна во дресот на Астон вила во 2001 година, а како рекордер на Премиер-лигата во оваа категорија стана во мај 2015 година како играч на Стоук, па така го тргна од тронот екс-фудбалерот на Блекбурн и Њукасл, Алан Ширер.

Во новото издание на Гинисовата книга ќе се најдат уште неколку имиња од светот на фудбалот. Кристијан Бентеке го постигна најбрзиот гол во квалификациите за СП, само осум секунди му беа потребни за ова остварување. Селекторот на Германија, Јоаким Лев ќе добие признание за најмногу остварени победи како предводник на една репрезентација, додека името на Кристијано Роналдо ќе се спомене, бидејќи капитенот на Португалија има постигнато барем еден гол на четири Европски првенства во низа.

 

Се вчитува...