Манчестер сити не е без шанси во обидот да го ангажира Миралем Пјаниќ, но Пеп Гвардиола ќе мора да плати огромни 100 милиони евра доколку сака да го види босанскиот плејмејкер во својот тим. Ова е исходот од вчерашната средба меѓу раководството на Јувентус и агентот на Пјаниќ, Фали Рамадани, при што „старата дама“ најпрвин понудила нов договор за плата од шест милиони евра по сезона. Рамадани истото го одбил барајќи ги условите што Сити му ги нуди на неговиот клиент (7,5 милиони евра, плус бонуси), по што „старата дама“ го променила ставот.
Сега Пјаниќ е достапен за трансфер, но само под услови што ќе ги диктира италијанскиот првак. Тоа значи многу повисока сума од оние 60 милиони евра што му останаа на Гвардиола од нереализираниот трансфер на Жоргињо од Наполи. Јувентус инсистира на трансфер од 100 милиони евра, од кои најмалку 85 би биле платени при самата реализација, а максимум 15 може да се распределат преку неколку клаузули.
Целта е јасна – со парите од оваа продажба да се тргне во офанзива по Пол Погба, кој е близу до заминување од Манчестер јунајтед, а враќањето назад во Јувентус се чини како една од најреалните опции за Французинот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА