„Плачев кога го видов Ериксен, ми се вратија сликите низ што поминав кога колабирав“

Фабрис Муамба е еден од фудбалерите кој среде меч доживеа срцев удар и тоа во 2012 година, за среќа неговиот живот, за разлика од други фудбалери, му беше спасен, ама кога вчера данската ѕвезда Кристијан Ериксен се струполи, солзите кај црномурестиот фудбалер сами почнаа да извираат од него.

Фабрис, кој е роден во Заир беше младински англиски репрезентативец, па тој одигра 33 меча за селекцијата до 21 година до 2011 година, а година потоа играјќи за Болтон се струполи одеднаш на теренот, преживеа тежок срцев удар, но успеа да победи во животната битка, иако лекарите еден час се бореле за да го вратат во живот.

„Солзите сами почнаа да течат кога го видов Ериксен. Сѐ ми се врати како слика. Страшно нешто. Дури не го гледав мечот, бев на гости кај еден пријател, кој сврте на мечот и кога го видов Ериксен како паѓа… Прво си реков: нема шанси, не е ова реално. И како почнаа да одминуваат секундите, стануваше пострашно, а солзите надоаѓаа. И тогаш почна да ми се враќа секоја можна слика за сѐ што преживеав. Јас Кристијан не го знам, ама плачев, зашто најдобро знам во која ситуација е. Почнав само да викам: Издржи Кристијан, ајде издржи! Плачев и му се јавив на татко ми за да го прашам дали го гледа хоророт“, изјави Муамба.

 

Се вчитува...