Плановите на Алегри за Јуве: Еден ас се враќа, двајца остануваат, а Роналдо…

Масимилијано Алегри по две години пауза се враќа на кормилото на Јувентус, а една од работите со кои претседателот Ањели го убедил трофејниот стручњак на камбек било ветувањето за поголема слобода во одлучувањето при трансферите. Директорот Паратичи го напушти клубот, а неговиот наследник ќе има за задача да ги исполни желбите на Алегри за да биде составен тим што експресно би се вратил на врвот на италијанскиот фудбал.

Враќањето на стариот тренер е добра вест за двајца фудбалери од сегашниот табор, Пауло Дибала и Џорџо Кјелини. Дибала долго време тактизира во преговорите за нов договор, но Алегри го посочил Аргентинецот како напаѓач околу кого сака да се врти играта во новата сезона, барајќи од управата да се седне на маса со неговиот агент и да биде продолжена соработката. Истото е случај и со Кјелини, чие искуство според новиот тренер ќе биде пресудно за да се задржи добрата атмосфера и победничкиот дух во соблекувалната.

Камбекот на Алегри воопшто не е добра вест за Кристијано Роналдо, откако беше обелоденето дека Алегри при заминувањето пред две години му порачал на Ањели дека треба да се ослободи од Португалецот, кој создава негативна енергија кај остатокот од тимот. Кристијано има уште една година од актуелниот договор, треба да заработи 31 милион евра само на име плата, но Јуве ќе се обиде да го продаде доколку пристигне интересна понуда.

Новиот тренер побарал од управата назад во Јувентус да биде вратен и Миралем Пјаниќ, чие заминување според Алегри било голема грешка на управата на „старата дама“. Среќна околност е тоа што Пјаниќ се наоѓа на трансфер-листата на Барселона, па Јуве може да го добие назад по намалена цена, па дури и на едногодишна позајмица.

Се вчитува...