Третата точка од денешниот заклучок на Здружението на прволигаши крена огромна прашина во кошаркарската јавност, откако клубовите објавија дека кошаркарите ќе земаат само 25% додека не биде стартувана лигата, чиј почеток и систем на натпреварување се уште не е закажан.
„На денешниот состанок прволигашите едногласно и интерно договорија, бидејќи првенството не е започнато во предвидениот рок – играчите да бидат исплаќани со 25% од висината на платите, се до почетокот на лигата“, напишано е во заклучокот од денешниот состанок на Здружението на кошаркарски прволигаши.
Сепак, не станувало збор за одлука против играчите што би стапила на сила веднаш, туку за мерка што би била преземена доколку сезоната воопшто не биде стартувана. Според претседателката на Здружението на кошаркарски прволигаши, Мери Ковачевска, станува збор само за погрешно формулирање на заклучокот.
„Сакам да објаснам, третата точка од состанокот на Здружението на прволигаши не се однесува за намалување во овој период. На сите ни е јасно, не може кошаркарите да тренираат по двапати на ден, а ние да им ја намалуваме договорената плата затоа што некој друг не може да организира натпреварување. Ова е одлука што ние како клубови моравме да ја донесеме, пред се поради сериозноста на ситуацијата по зголемените бројки на заразени од Covid-19 и недостигот на идеја како и кога би се играла кошарка. Таа одлука се однесува доколку сезоната воопшто не почне, ако не се игра кошарка во Македонија, а ние сепак не би ги оставиле играчите без примања во овој тежок период. Ако не биде стартувана сезоната, во тој случај би важела оваа одлука, играчите да добијат по 25% од договорите што ги имаат со клубовите“, објасни Ковачевска за ЕКИПА.
Желба на сите е да се најде начин за да се почне со кошаркарскиот шампионат, што поскоро бидејќи времето одминува, а бројките на заразени и во самите клубови стануваат се поалармантни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА