Кожув по голема борба го совлада вториот тим на МЗТ Скопје (102-96), со што тимот од Гевгелија ја прекина „црната серија“ од три порази во плејаут натпреварувањето. Кожув подобро го отвори мечот, во воведните минути поведе со 15-7, потоа и со 17-9, но МЗТ2 се врати и ја заврши првата четвртина со минимално водство од 26-27. Мечот беше неизвесен до самиот крај, а младите „штркови“ први се одлепија, поведувајќи со 85-91 на шест минути до крајот. Кожув не само што успеа набрзина да се врати, туку во завршницата и го сврте резултатот во своја полза, за конечна победа со која тимот од Гевгелија стави печат на опстанокот во елитното друштво. Унрих го предводеше Кожув со 25 поени, додека по 21 поен реализираа Колев и Деј.
КК Ангели стигна до нов триумф воплејаутот, овојпат во дуелот со Работнички што избраниците на Боби Митев го добија со 72-64. Тимот од Кисела Вода одигра импресивни три четвртини што ги доби со „плус осумнаесет“ (61-43). Работнички настапи со тројца странци, но само во последните десет минути тимот на тренерот Михајловски го поправи катастрофалниот впечаток оставен на овој меч. Раме со 21 и Хендерсон со 13 поени беа најдобри поединци во таборот на Ангели.
Куманово и Академија ФМП и одиграа интересен натпревар што по голема битка го добија домаќините со 88-84. Кумановци имаа двоцифрено водство во втората четвртина, но гостите од Скопје успеаја да се вратат и да го преземат водството во последниот период. ФМП имаше водство од 82-84 на помалку од минута до крајот, но Куманово се врати, со поените на Зивчевиќ поведе со 85-84, за со слободните фрлања на Николиќ и на Марјановиќ да стави печат на победата. Ненад Зивчевиќ беше најефикасен во победничкиот тим со 27 поени, а импресивен дабл-дабл оствари Јузбашиќ, кој реализираше 24 поени и 22 скокови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

