Македонскиот пливачки херој, Марко Пејчиновски на 28. август на големиот празник Голема Богородица ќе ја заврши својата мисија за ова лето со предизвикот кој остана негова неостварена желба.
Марко на стартот од летото се појави со цел да исплива 250 километри низ десет испливувања, па откако реализираше досега девет маратони со 186 километри, сега остана последната делница од 64 километри која ќе ја плива на 28. август.
„Последниот пат кога зборував пред камера беше за најавата на мојата цел за ова лето, десет препливувања, 250 километри. После 186 километри во девет препливувања, тука сум да го најавам моето последно препливување: Охрид – Струга – Св. Наум – Охрид од 64 километри“ – го најавува Марко својот нареден подвиг, притоа дополнувајќи:
„Пред три години, поради болка во ногата, го прекинав пливањето на оваа релација која остана мој неостварен предизвик. Тука сум, да си докажам колку сум подобрен, да си докажам дека можам да го остварам мојот сон и да ја исполнам мојата желба и празнината која остана. Ова, сакам да ве инспирира и Вас, без разлика колку нешто изгледа тешко во животот, не значи дека е невозможно, без разлика какви се препреките кои ги имате на патот до успехот морате да продолжете и не смеете никогаш да се откажувате. Имајте своја цел, најдете свој мотив и остварете ја. Ова препливување ќе е на празникот Голема Богородица. Им благодарам на сите оние кои ме поддржаа“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА