ПЛИВАЊЕ – ЛОИ: Светски рекорд на Шенмејкер, златни медали и за Мекион, Рилов и Ванг

Неверојатен шести ден на пливачките натпреварувања на Летните олимписки игри во Токио. Јужноафриканката Татјана Шенмејкер го постави првиот индивидуален светски рекорд на овие игри, откако стигна до златото на 200 метри градно со време од 2:18.95 минути. Ова остварување беше за 16 стотинки подобро од досегашниот светски рекорд на Данката, Рике Молер Педерсен од светското првенство во 2013 година во Барселона. Преостанатите две места на пиедесталот ги освоија Американките, Лили Кинг и Ени Лејзор.

Ема Мекион дојде до златниот медал на 100 слободно откако постави нов олимписки рекорд од 51.96 секунди. Сребрениот медал и припадна на Сјобан Бернадет Хауи од Хонг Конг, додека со бронзата во оваа дисциплина се закити втората Австралијка во финалето, Кејт Кембел.

Нов олимписки рекорд постави и Евгени Рилов на 200 метри пеперутка. Тој во финалето исплива за време од 1:53.27 минута, што беше за 14 стоти делови од секундата подобро од досегашното остварување на Тајлер Клери од игрите во Лондон во 2012 година. Второто место му припадна на Американецот, Рајан Марфи, додека како трет заврши Лук Гринбек од Велика Британија.

На трката на 200 метри мешано златото го освои Кинезот, Шун Ванг кој до титулата стигна со време од 1.55.00 минута, што е нов азиски рекорд. Како сребрен заврши Данкан Скот од Велика Британија, додека бронзата му припадна на Швајцарецот, Жереми Депланше.

За издвојување од денешниот ден е и олимпискиот рекоред на Кејлеб Дресел во полуфиналето на 100 метри пеперутка. Американецот исплива со време од 49.71 секунди што е најдобро време во историјата на Летните олимписки игри.

Се вчитува...