Штафетата на Соединетите американски држави на 4х100 метри стигна до златниот медал на Летните олимписки игри во Токио. Штафетата во состав Кејлеб Дресел, Блејк Пјерони, Боуен Бекер и Зек Ејпл исплива време од 3:08.97 што беше за само 73 стотинки послабо од неверојатниот светски рекорд кој исто така е во сопственост на Американците од игрите во 2008 во Пекинг. Среброто и припадна на Италија, додека со бронзата се закити австралиската штафета.
Во трката на 400 метри слободно кај дамите, Австралијката, Ариарне Титмус како и на светското првенство ја детронизираше Кејтлинг Ледецки од САД. Австралијката исплива време од 3:56.69 што е нов рекорд на Океанија, но и второ најдобро време во историјата на оваа делница. Ледецки на крајот мораше да се задоволи со сребро, додека бронзата и припадна на Ли Бингџи од Кина.
Адам Пити ја продолжи својата доминација на трките на 100 метри градно откако славеше во финалето со време од 57.37 секунди. Второто место му припадна на Арно Каминга од Холандија, додека со бронза се закити Италијанецот Николо Мартинеги.
Канаѓанката Маргарет Мекнил славеше во „ол-стар“ трката на 100 метри пеперутка кај дамите. Мекнил до триумфот стигна со време 55.59 што е нов рекорд на Северна Америка и втор најдобар во историјата на оваа делница. Второто место и припадна на кинеската Јуфеј Жанг, додека бронзена беше Ема Мекион од Австралија. Светската рекордерка и шампионка од игрите во Рио, Сара Сјестрем на крајот заврши само како седма.
За издвојување од денешниот ден е и олимпискиот рекорд на Реган Смит во полуфиналето на 200 грбно. Американката делницата ја помина за време од 57.86 што е четврто уривање на овие игри на 200 грбно откако претходно во квалификациите покрај Смит, рекордот го уриваа и Кајли Мас од Канада и Кајли Мекион од Австралија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА