Изминатиот викенд на домашната сцена активни беа и клубовите во женската прволигашка конкуреција каде во 14. коло се одиграа четири натпревари додека одложен беше само еден дуел.
Во групата „Исток“, Вардар стигна до преубедлива победа над „фенерџијата“ Куманово со 103-34, додека одложен беше натпреварот помеѓу Крива Паланка и Про Баскет, додека екипите на МЗТ Скопје и Баскет КАМ беа слободни.
Дербито на „Западот“ му припадна на составот на Бадел 1862 кој славеше на гостувањето во Струга со 43-86. Баделки контролата на натпреварот ја имаа од првата четвртина која ја добија со 21-11, а веќе до полувремето ја зголемија предноста на 44-26. Второто полувреме не донесе промени на паркетот, а од четвртина во четвртина скопскиот состав дополнително ја зголеми предноста.
Предводнички на Бадел со по 17 поени беа Стојановска и Димова, нив ги следеше Адамовска со 14 поени, додека како двоцифрена дуелот го заврши и Димитријевиќ со 12 постигнати поени. Кај домашниот состав Лаковиќ постигна 14 поени, додека со 9 поени натпреварот го заврши Зендели.
Во оваа група Трокал забележа победа од 59-35 над Пантери, додека Гостивар го доби дуелот со Шкупи откако славеше со 70-54. Слободен беше тимот на Работнички.
До крајот на регуларниот дел од првенството остануваат уште три заостанати натпревари со кои ќе се утврдат сите патници во Суперлигата. Во овие средби Работнички ќе се сретне со Бадел 1862 како најава за вториот дел од првенството, Баскет КАМ го пречекува Вардар во натпревар за првото место на „Истокот“, додека Крива Паланка и Про Баскет ќе одиграат директен дуел за пласман во следната фаза. Екипата од Кавадарци брани предност од седум поени кои ги стекна на домашен терен (победа од 60:53) во првиот меѓусебен натпревар оваа сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА