Една од најубедливите, ако не и најубедливата победа во Првата женска лига беше остварена изминатиов викенд на мечот помеѓу Работнички и Пантери, натпревар кој „црвено-белите“ го добија со преубедливи 120-23. „Центарки“ победата ја најавија уште во првата четвртина која ја добија со 39-4, а истиот ритам продолжи до полувремето. Во вторите десет минути, Пантери успеаја да постигнат само еден поен, Работнички даде 27 па на семафорот стоеше 66-5.
Гостите го подобија својот учинок во второто полувреме, но не успеаја да ја надминат границата на постигнати двоцифрени поени по четвртина (22-9, 32-9).
Во групата „Запад“ беше одигран уште дуелот помеѓу Струга 2009 и Шкупи, кој избраничките на Ѓоровиќ го добија со 67-38 (27-9, 17-10,12-11,11-8). Пешиноска го предводеше составот од Струга со 14 поени, додека Укоска додаде 10 поени. Кај гостите со по осум поени натпреварот го завршија Салиу и Долани.
Во групата „Исток“ се одигра само еден натпревар со оглед на одржувањето на женската АБА лига во Крива Паланка, на кој Про Баскет стигна до убедлив триумф од 89-50 (23-13, 20-10, 25-17, 21-10).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА