Денеска во 14 часот во Тетово се игра заостанатиот натпревар од 2. коло во ПМФЛ помеѓу Шкендија и Струга, кој своевидно ќе биде битка за врвот на табелата. Овој меч се одложи поради настапите на Струга ТЛ во Европа, а сега се игра во вистински миг, за да биде уште поинтересно на чело на табелата во најелитното фудбалско натпреварување во Македонија.
Шкендија со триумф дефинитивно ќе се врати на лидерската позиција која во моментов ја има екипата на Шкупи, која е во серија од четири победи по ред под водство на новиот тренер Младен Жижовиќ, додека Струга ТЛ има три бода минус од првата позиција, но и два меча помалку. Интересно е на врвот на табелата, затоа што од првото до седмото место разликата е само пет бода.
„Во тимот владее добра атмосфера, и верувам дека така ќе остане. Ни престои меч кој требаше да се одигра порано, но сега ќе се обидеме да дадеме максимум. Секако дека нашата цел е шамионската титула, и се надевам дека ќе го добиеме овој меч и ќе се вратиме на првото место. Секој меч за нас е важен, и се надеваме дека ќе ги освоиме трите бода, ќе бидеме повторно на врвот, и нема да ја испуштаме таа позиција се до крајот“, рече Ендрит Красниќи, играчот на Шкендија.
Сепак, и Струга ТЛ си има свои математики од денешниот дуел. Шампионот, пак, откако не успеа да дојде до групната фаза во Лигата на Конференции, сега ќе се фокусира кон одбрана на шампионскиот трофеј.
„Имаме тежок меч против квалитетен противник како што е Шкендија, и имаме максимален респект кон нашиот опинент. Струга ТЛ оди да победи на овој меч, и покрај фактот што секој трет ден имаме натпревари. Мотивацијата е одлична, и се надевам дека таа ќе ни даде сила да дојдеме до победа, и да се бориме да го одбраниме трофејот“, изјави фудбалерот на Струга ТЛ, Бесмир Бојку.
ПМФЛ, 2. КОЛО (ЗАОСТАНАТ НАТПРЕВАР)
Тетово: Шкендија – Струга ТЛ (14:00)
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

