Во Првата македонска фудбалска лига денеска ќе се одиграат натпреварите од 27. коло. Лидерот Струга Трим и Лум по ремито со Скопје, денеска на домашен терен против „фенерџијата“ Победа размислува само на триумф.
Фудбалерот на стружани, Фатјон Јусуфи пред мечот со Победа вели дека нема лесни противници во ПМФЛ.
„Минатонеделниот меч со Скопје покажа дека нема лесни противници и тоа се докажува од коло во коло. Ние како Струга ТЛ ги респектираме сите наши ривали, без разлика каде тие се наоѓаат на табелата. Нема да биде лесно со Победа, цела недела се подготвуваме за овој денешен меч. Знаеме што треба да правиме, се знаат нашите амбиции, јасно е дека одиме по трите бода. Треба да бидеме во вистинско издание ако сакаме да дојдеме до триумф“ посочи Јусуфи.
Тетовска Шкендија сака да ја продолжи одличната форма со домашен триумф против Тиквеш. Работнички во Велес ќе го пречека Скопје, додека во Ѓорче Петров, Македонија ќе игра против Академија Пандев. Последниот натпревар од оваа рунда ќе се игра во Кратово каде Силекс ќе ја вгости Брегалница.
ПМФЛ – 27. КОЛО (денеска, 16 ч.)
СТРУГА ТЛ – ПОБЕДА
ШКЕНДИЈА – ТИКВЕШ
СИЛЕКС – БРЕГАЛНИЦА
РАБОТНИЧКИ – СКОПЈЕ
МАКЕДОНИЈА ЃП – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ
СЛОБОДЕН: ШКУПИ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА