Можеби како никогаш досега екипата на Вардар важи за огромен фаворит во дуелот со градскиот ривал Работнички, во денешната пресметка во рамките од 18. коло во Првата македонска фудбалска лига. Работнички со едната нога е веќе испаднат, му преостанува само надежта, но тешко дека против „црвено-црните“ ќе се случи изненадување, затоа што на лидерот му требаат бодовите да ја задржи предноста на првото место на табелата.
И покрај тоа што не мина добро резултатски на подготовките во Анталија, сепак, Вардарци фуриозно го стартуваа пролетниот дел од сезоната со триумф од 5-1 над Арсими. Работнички, пак, загуби убедливо од Пелистер со 4-1, и ја губи битката за опстанокот. Тешко е за верување дека може да се случи чудо и да се свртат работите на страна на „романтичарите“.
Вардар е во серија на победи во првенството, и има ривал по мерка за продолжување на таа серија. Своите очекувања од денешниот меч ги сподели Димитар Тодоровски, кој сега настапува во „црвено-црните“, откако претходно мина добар релд од кариерата во Работнички.
„Секако дека кога играм против мојот некогашен клуб буди некакви емоции. Во Работнички пораснав, што се вели, тој клуб има огромен удел во мојот фудбалски развој. Сепак, сега сум дел од Вардар, а тоа значи само едно. Респект кон секого, но Вардар оди секогаш и на секој меч на победа. Убаво е да се негува таа традиција на градско дерби. Работнички е во неповолна позиција на табелата во моментов, но тоа апсолутно не го менува нашиот пристап за овој дуел. Одиме максимално по трите бода, за да го продолжиме позитивниот тренд од првото пролетно коло и победата против Арсими“, изјави Димитар Тодоровски.
Работнички е во незавидна позиција, претпоследен на табелата со само седум освоени поени, а и пролетниот старт не беше според посакувањата на тренерот Муарем Муарем. Тимот од Дебар Маало загуби на гостувањето против Пелистер во Битола со 4-1.
Вториот предизвик е уште поголем, Работнички денеска на стадионот на ФФМ го пречекува лидерот на табелата Вардар.
„Продолжуваме да се бориме и на секој нареден натпревар ќе даваме максимум за да ја оствариме целта. Позицијата на табелата јасно ни налага дека ни се потребни бодови и ќе сториме сѐ да ги освоиме. Вардар е лидер на табелата, има одлична екипа, но тоа треба да биде и мотивација повеќе за нас да одиграме најдобро што можеме“, вели капитенот на Работнички, Бесир Демири.
Натпреварот се игра денеска со почеток од 13:00 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

