ПМФЛ: Вардар тргнува по спас во Струга кај шампионот

После поразот во првото пролетно коло во Првата македонска фудбалска лига, пред најтрофејниот македонски клуб Вардар кој во моментов е последнопласиран тим, стои уште еден сериозен предизвик.

Вардарци гостуваат во Струга, кај актуелниот првак Струга ТЛ, кој исто така сака да дојде до првата победа во пролетниот дел, со оглед дека стартуваа со пораз од Гостивар во оваа 2025 година.

Струга ТЛ несомнено е фаворит со оглед на квалитетот, позицијата на табелата и амбициите за оваа сезона, но од друга страна против себе има противник во Вардар кој нема право повеќе на киксови, ако сака да го обезбеди опстанокот во ПМФЛ.

И двата тима мора да одат на победа. Струга ТЛ за да остане во игра во одбрана на тронот, а Вардар во битката за опстанокот.

„Мораме да му пристапиме на овој натпревар со голема смиреност и мудрост, бидејќи овој Вардар не е истиот Вардар од есенската сезона. Затоа верувам дека утре ќе се истакне професионалноста и искуството на играчите кои ги имаме во тимот и дека сите заедно ќе се бориме како еден, за на крајот да ги израдуваме нашите навивачи на првиот меч од 2025 година што ќе го играме во Струга“, вели дефанзиецот на Струга ТЛ, Бесарт Кривањева.

Standings provided by Sofascore

 

Се вчитува...