АКК Примо Реисинг, Општина Охрид и Општина Ресен во соработка со Автомобилистичката федерација и Агенцијата за млади и спорт, по пауза од 40 години, викендов повторно го организираат Меѓународното авто-рели „Охрид – две езера“.
Оваа интернационална автомото манифестација последен пат беше организирана во далечната 1979 година, па сега повторно се гради проектот за нејзинот враќање. Авто-релито е од меѓународен карактер и се бодува за шампионатот на Централна Европска Зона, шампионатот на Македонија и шампионатот на Србија.
Стартот и целта на релито е во Охрид – Кеј Македонија, а рутата на движење е преку Галичица до Стење со организација на посебни специјални испити во должина од 65 километри, и вкупна должина на релито од 215 километри.
„Со организација на ваков тип на манифестација Охрид и Ресен ке бидат центар на Централна Европа во светот на автомобилизмот со што ке придонесеме за огромна промоција и поголема посетеност на Охридско-преспанскиот регион во европски рамки“ – истакнуваат организаторите на релито.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА