Мохамед Салах се најде во центарот на вниманието откако отворено го изрази своето незадоволство поради тоа што беше изоставен во составот на Ливерпул за натпреварот против Лидс (3-3).
Египќанецот рече дека се чувствувал „како клубот да го фрлил под автобус“, што предизвика бројни реакции во фудбалската јавност.
Се појавија бројни критичари на неговата постапка пред се легенди на Ливерпул, но една од најгласните критики дојде и од Тјери Анри.
„Не зборуваат за тоа што постигнал Салах, туку за погрешните моменти што ги избрал. Не зборувате јавно кога тимот тоне. Ако имате нешто да кажете, кажете го во соблекувалната. Јас го направив тоа, скршив сè пред мене, отидов директно кај тренерот, но никогаш пред камерите. Срамно е да се напаѓа својот тим јавно“, рече Анри.
Французинот се потсети на сопственото искуство од Барселона, кога беше изоставен од тимот за гостувањето кај Виљареал, иако ја освои тројната круна претходната сезона.
„Седев на трибините. Не бев задоволен, но не реков ниту збор јавно. Разговарав со Гвардиола зад затворени врати. Тоа е професионализам. Не се прави драма затоа што не си во составот. Ако не играш добро, некој друг ќе го заземе твоето место, тоа е природен процес“, додаде Анри.
Салах не постигнал гол ниту асистирал во седум натпревари по ред. Иако тренираше со тимот пред средбата со Интер, не отпатува во Милано.
Ливерпул победи со 1-0 без него, а многумина веруваат дека тренерот Арне Слот одлучил да го стори тоа токму поради ставовите на Салах изнесени јавно.
Сепак, Енди Робертсон, кој се обидува да ја смири ситуацијата, рече дека ја разбира фрустрацијата на својот соиграч.
„Мо го носеше овој тим минатата сезона, но оваа година сите не успеавме, тој тоа го знае најмногу. Не е навикнат да биде на клупата, секако дека му е тешко. Сепак, беше професионален на тренинзите и нè бодреше пред патувањето. Тоа е она што го барате од вашите соиграчи“, изјави Робертсон по синоќешниот натпревар со Интер во Милано.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

