По бројните скандали со домашните клубови, местени натпревари и имагинарните „газди“ : ФФМ отсега ќе дава и свое мислење за тоа кој ги презема клубовите

По бројните скандали со домашните клубови, пред се околу сомнителните сопственици од странство кои изминативе години ги преземаа нашите прволигаши, но и по информациите за местени натпревари изминатава година, од ФФМ најавија категорична борба со еден од најгорливите проблеми на клупскиот фудбал, за кој постојано во Фудбалската федерација се добиваат и дописи од ФИФА и УЕФА.

Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ информираше дека на следната седница на УО на ФФМ ќе биде предложена и одлука со која ФФМ ќе ги разгледува кое лицето или компанијата која сака да преземе домашни клубови, и ќе дава свое мислење.

„Факт е дека ние не сме ниту истражен ниту судски орган, но на една од следните седници на УО ќе биде предложено да донесеме одлука со која ФФМ ќе мора да даде свое мислење околу нови сопственици или инвеститори за домашните клубови. Така е во голем број земји во Европа, каде федерациите имаа интервјуа со евентуалните нови сопственици или инвеститори во клубовите, по што даваат свое мислење, кое се почитува, околу тоа дали одредени лица или компании може да ги преземат клубовите. Едноставно видовме изминативе години како еден газда може да уништи клуб кој бил шампион како Шкупи, за жал, кој сега се сели во понизок ранг. Ќе мора на некој начин да го заштитиме фудбалот од сомнителни лица кои сакаат единствено да го злоупотребат клубот за лични интереси“ – информираше Омерагиќ.

Првиот човек на ФФМ се осврна и на изминатиов период лиферуваните информации за дописи од УЕФА за сомнителни натпревари во кои беа вклучени домашни клубови.

„Добро знаете дека изминатиов период добивме и официјални информации од меѓународни институции во кои се посочуваат одредени сомнежи за нерегуларности. Тоа не се обвинувања, но се доволно сериозен сигнал да постапиме до крај. Имаше и информации дури и со конкретни уплати и добивки кои оделе на лица роднини блиски до првите луѓе на Башкими. И, токму затоа сега ќе одиме овој пат до крај. Без калкулации. Без компромиси. Ќе ги сочекаме сите истраги и ќе има конкретни одлуки. И да им биде јасно на сите, оние што мислат дека со напади, конструкции и притисоци ќе не поколебаат, се во сериозна заблуда. Тие времиња завршија. Најгласни денес се токму оние на кои им одговараше систем без контрола. Оние што со години функционирале во зона на комфор, без одговорност. Тоа повеќе не постои. Ова е борба за чист фудбал“ – рече Омерагиќ.

Се вчитува...