ЕКИПА во Хаифа, Израел
Владимир Булатовиќ
Македонија долго го чека заживувањето на сениорскиот репрезентативен фудбал кој изминативе години западна во една од најдолгите свои „мрачни епизоди“… Па, во годината кога преку младата наша репрезентацијата стигнавме до своето прво учество на едно Европско првенство, во годината кога преку Вардар го обезбедивме првото историско учество во групната фаза од едно европско клупско натпреварување, некако неповикувачки растат апетитите и амбициите и кога е македонската сениорска репрезентација во прашање! А да бидеме искрени, национален фудбалски успех, каков и да е, без успех на сениорска репрезентација не се мери!
Токму во еден експанзистички период за македонскиот фудбал доаѓа и гостувањето во Израел, кое поради се претходно спомнато се чека со очи широко отворени и желба конечно нас и сениорите да не „позлатат“. Затоа и можеби многумина желни за позитивни сениорски резултати ова гостување во Светата земја го гледаат како огромна можност за наше „фудбалско воскресение“!
Можеби цела оваа 2017 година беше само најава на Израел како комплетна пресвртница за македонскиот фудбал… Факт е дека една победа, всушност, и ништо многу не значи, посебно ако досега во квалификациите имате пет порази и само една победа против скромниот Лихтенштајн. Но, ако се знае дека најдобрата наша репрезентација повеќе од седум години не знае за гостинска победа против една селекција која е подоброрангирана од нас на ФИФА листата. Ако се знае дека Македонија досега во историјата не знае за ништо друго освен порази и од пресметките со Израел, тогаш триумф овде во Хаифа во срцето на почетоците на човештвото и тоа како може да значи еден нов почеток на една нова Македонија темелена на млади сили.
Оптимизмот секако се темели, и на конечната можност Игор Ангеловски да може да располага со сите индивидуални сили на кои сака да смета… Оптимизмот се темели и поради формата во која играат поголемиот дел од репрезентативците во своите клубови ова лето… Оптимизмот се темели и поради „раздрманоста“ на Израелците… Оптимизмот се темели и поради новата улога која најдобриот македонски фудбалер во историјата Горан Пандев ја има во себе како водач на новата генерација, и неговата досега невидена позитивна енергија која како вистински лидер ја префрла на следбениците во националниот тим!
Секако, тој оптимизам не треба и не смее да се преточи во еуфорија… Како што вели и самиот Пандев: „Убаво е кога се има верба во себе и силни победнички очекувања.. Тоа ни недостасуваше. Но, некако претерано ми изгледаат нескромните најави за сигурен триумф против една селекција како Израел на гостински терен“… Затоа што предвремената еуфорија може пак, несакано да не одведе и до, како што си знаеме, „еуфорично разочарување“ потоа. А, единствено мерило е теренот… Во репрезентативниот фудбал нема многу можност за „лага“. Знаеш или не! Колку ние вистински, не само на хартија, сме подготвени за „воскресение“ ќе видиме вечерва на „Сами Офер“!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА