По инцидентот во Тетово: Судијата Младеновски пријавил во полиција напад од голманот и физиотерапевтот на Влазрими (ВИДЕО)

Тежок инцидент на дербито од 14. коло во Третата фудбалска лига Запад, меѓу Тетекс и Влазрими по кој гостинскиот тим го напуштил теренот во 75. минута.

Одлуката гостите да го напуштат натпреварот е поради досуден пенал за Тетекс и доделен црвен картон за играч на Влазрими. Во мешаницата по неколкуминутни протести, гостите ја повлекле екипата.

„Скандалозно судење под водство на главниот арбитар МАРЈАН МЛАДЕНОСКИ, заедно со неговите помошници, и четвртиот судија Пларент Салихи кои беа главни актери и без трошка срам напаѓаа што ќе им дојде пред очи, казнувајќи го секој од нашиот тим. Поради сета оваа репресија диктирана од луѓето во црно кои мора да делат правда на терен, раководството на клубот реши да го повлече тимот“ – се вели во реакцијата на Влазрими.

Меѓутоа веднаш по мечот судијата Марјан Младеновски пријавил во полиција дека бил физички нападнат од голманот и физиотерапевт на Влазрими.

Како што соопшти од МВР: „На 26.03.2025 во 19 часот во СВР Тетово, М.М.(38) од Скопје пријавил дека околу 17 часот на стадион во Тетово, за време на фудбалски натпревар помеѓу ФК „Тетекс“ од Тетово и ФК „Влазрими“ од Кичево, на кој бил судија, бил физички нападнат од физиотерапевтот Ј.С. и голманот В.Н. Двајцата напаѓачи биле дел од гостинската екипа од Кичево. Полицијата соопшти дека презема мерки за расчистување на случајот“.

Натпреварот меѓу Тетекс и Влазрими директно одлучуваше за првото место на табелата во Третата лига – Запад, во која тетовци се наоѓаа на чело со 32 бода, еден повеќе од својот вчерашен ривал.

Се вчитува...