Неспорни се фудбалските квалитети на Килијан Мбапе, меѓутоа Французинот досега често е етикетиран како самобендисаното и инаетливо момче кое инсистира, во секоја средина, да биде се само по негово.
Имаше Мбапе низа испади по кои со право доби непопуларни епитети, но се чини дека нешто се промени по Светското првенство во Катар.
Французинот синоќа го постигна својот 201 гол во победата на ПСЖ од 4-2 против Нант со што се запиша во историјата на клубот како стрелец број еден. И во еден таков момент јасно е дека Мбапе по мечот истакна дека ќе го зачува дресот од тој натпревар како спомен за историјата.
Но, во тунелот беше пречекан од Игнатио Ганаго кој од француската суперстар имаше само една желба – неговиот дрес. Ганаго му пријде на Мбапе, му го даде својот дрес, и Мбапе во тој момент не размислуваше многу, возврати на ист начин.
Kylian Mbappé a échangé son maillot des 201 buts avec Ignatius Ganago, récemment endeuillé par le décès de sa fille. 🙏
📸 @EspoirsduFoot pic.twitter.com/iosyRw3VVf
— Actu Foot (@ActuFoot_) March 4, 2023
Колку за потсетување, Ганаго зад себе има исклучително тешки неколку седмици откако во средината на февруари ја загуби петгодишната ќерка која почина во Камерун. Свесен што се Ганаго проживеа изминатиов период, Мбапе не се двоумеше воопшто да му исполни желбата, можеби на тој начин покажувајќи каква личност во суштина е.
И пред неколку денови кога Лионел Меси го доби признанието за најдобар фудбалер на годината, Мбапе беше првиот кој му честиташе на Аргентинецот. Очигледно е дека Французинот сака да ја промени сликата за себе пред светот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА