По најавата дека во фудбалскиот клуб Пелистер ќе се случува финансиска консолидација, и дека канадската компанија „Нанук Спортс Капитал“ треба да биде инвеститор во битолскиот клуб, низ битолската чаршија се појавија неколку имиња кои би требало да бидат засилувања за Пелистер за пролетниот дел од сезоната, со кој тимот би го обезбедил опстанокот, а во идната сезона би се борел за врвот на табелата.
Поранешниот член на француски Ним, Влатко Стојановски е првото име кое се споменува за можно ново име во редовите на „зелено-белите“. Тој би дошол како слободен агент во Пелистер, со оглед дека во последните шест месеци немаше клуб откако го напушти тимот на Беса. Претходно играше за Работнички, Сепмтеври Софија, Горица, Шкендија, Ним, Шамбли, Ренова, РНК Сплит… За македонската репрезентација Стојановски одигра 10 меча и постигна два гола, против Австрија на гости во квалификациите за ЕП 2020 и против Естонија на домашен терен во Лигата на Нации во 2020 година. Но, во последно време се мачи со формата, и нема клуб.
Второто име кое се поврзува со битолскиот тим е играчот од средниот ред Томче Гроздановски. Гроздановски во моментов е дел од романскиот тим Конкордија Чајна, и е пред враќање во Македонија. Станува збор за играч кој има меѓународно искуство, и во минатото беше дел словачки Злате Моравце, хрватскиот тим Дугопоље, играше и во Работнички и Силекс, а на почетокот на 2025 година замина во Конкордија. Нема минутажа во романскиот тим, и од тука неговата желба да ја смени средината.
Овие двајца, заедно со уште неколку нови имиња, ќе треба да го подигнат квалитетот на битолскиот тим во пролетниот дел од сезоната. Доколку се реализира влегувањето на инвеститорот, и доколку има сериозни намери, тогаш битолските навивачи може да очекуваат подобри денови и на нивниот омилен тим на фудбалски план, а не само на ракометен каде што се актуелни носители на шампионската титула.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

