По последните информации од Англија, дека во Премиерлигата од следната сезона и дефинитивно ќе бидат тестирани новите правила кои ќе важат во судиското продолжение од фудбалските натпревари, како би се надминале проблемите со т.н „крадење време“ во клучните последни минути од натпреварите, повторно се отвора темата за кој уште пред две години официјално информираше долгогодишниот фудбалски работник од Македонија, и поранешен директор на Вардар, Драган Томовски.
Томовски веќе, како што е познато, има додоставен патент до ФИФА и канцеларијата на ИФАБ, кој нуди решение за еден од најгорливите проблеми на фудбалската игра за кој досега не се пронајде инструмент како решение а тоа оддолговлекувања на времето, симулирање или популарно наречено „крадење време“.
Па, токму, околу, сега предложените промени на правилата кои се однесуваат на однесувањето на играчите во судиското продолжение (added time) на фудбалските натпревари, со свое мислење за ЕКИПА токму Драган Томовски.
„Проблемот со одолговлекување на играта во фудбалот не е нов. Напротив, во последните години станува сè поочигледен, особено во завршницата на натпреварите. Токму поради тоа, во изминатите четири до пет години јас повеќепати го актуелизирав ова прашање и предложив системско решение кое, според моето мислење, може значително да придонесе за пофер и поквалитетен фудбал“ – вели авторот на концептот за „ефективно време во судиското продлолжение“.
Во последно време во фудбалската јавност повторно се отвора прашањето како да се намали губењето време во завршницата на натпреварите.
„Имаме и многу свеж пример. Пред два дена се одигра натпреварот Реал Мадрид – Хетафе (0-1). Судиското продолжение беше определено на пет минути, но натпреварот заврши дури по седум минути и десет секунди. Но, уште поинтересно е што навистина се случуваше во тие последни минути. Од вкупно 7 минути и 10 секунди продолжение, топката реално беше во игра околу една и пол минута. Остатокот од времето помина во прекини, расправии, задржување на топката и други ситуации во кои играта практично не се одвиваше. Во такви услови се поставува суштинското прашање – како навистина се игра фудбал во тие моменти? Кого всушност ги штитат постојните прописи и нивната интерпретација? И колку ваквата ситуација ги стимулира тренерите значителен дел од својата подготовка да го насочуваат кон методи за успорување или практично „убивање“ на играта, место кон нејзино подобрување?“ – вели Томовски и дополнува:
„Дополнително, токму во тоа продолжение беа покажани и два црвени картони и еден жолт картон. Тоа значи нова работа за дисциплинските органи, потенцијални финансиски казни и дополнителен проблем за тренерите кои можат да останат без играчи за следните натпревари. Затоа логично се поставува прашањето: кому му одговара ваква ситуација во која наместо игра добиваме конфликти, прекини и дисциплински последици?“.
РЕШЕНИЕТО НА ПРОБЛЕМОТ СО „КРАДЕЊЕ ВРЕМЕ“ НЕ ТРЕБА ДА ЛЕЖИ ВО НОВИ КАЗНИ, ТУКУ…
Во последниот период во фудбалската јавност се појавија идеи за воведување нови санкции со цел да се намали губењето време во судиското продолжение. Дел од предлозите предвидуваат, на пример, ако аут не се изведе во одреден рок топката да му припадне на противникот, или ако голманот предолго ја задржи топката да се досуди корнер.
„Мислам дека проблемот е реален, но решението не треба да биде во воведување нови казни. Фудбалот и онака има доволно сложени ситуации. Ако за секој поединечен прекин се воведуваат нови санкции, ризикуваме играта да стане уште покомплицирана и уште повеќе да зависи од судиска проценка“, смета Томовски.
Тој посочува дека ваквите мерки реагираат само на поединечни ситуации, но не ја менуваат суштината на проблемот.
„Ако казните одредено однесување, играчите и тренерите ќе најдат друг начин да го успорат ритамот на играта. Тоа значи дека проблемот не исчезнува, туку само се преместува на друго место. Затоа сметам дека е потребно системско решение, а не серија нови казни.“
Во своите анализи, Томовски предлага поинаков пристап – воведување ефективно време во судиското продолжене, односно стопирање на часовникот при секој прекин во продолжението на натпреварот.
„Тоа не го менува траењето на регуларните 90 минути, не ја менува структурата на играта и не воведува нови дисциплински мерки. Единствено гарантира дека времето кое е доделено како продолжение навистина ќе се игра. Со тоа се елиминира главниот мотив за одолговлекување.“
РЕШЕНИЕТО НА ТОМОВСКИ Е СО РЕВЕРЗИБИЛНО ДЕЈСТВО И НОСИ ПОВЕЌЕ ПРИДОБИВКИ ЗА ФУДБАЛОТ
Според него, ваквиот систем има уште една важна карактеристика – таканаречено реверзибилно дејство.
„Кога тренерите и играчите знаат дека во судиското продолжение секоја секунда ќе се игра ефективно, тогаш одолговлекувањето во текот на натпреварот ја губи својата тактичка вредност. Наместо да се бараат начини за „убивање“ на ритамот на играта, фокусот се враќа на самата игра.“
Томовски смета дека ваквиот пристап може да донесе повеќе придобивки за фудбалот.
„Фудбалот би станал пофер, потранспарентен и поквалитетен. Во моментов често се случува во судиското продолжежение топката да биде во игра само мал дел од времето. Тоа создава нервоза, конфликти и чувство на неправда. Кога времето е јасно и транспарентно, тие проблеми значително се намалуваат.“
ОВА РЕШЕНИЕ ГАРАНТИРА ДЕКА ДОДЕЛЕНОТО ВРЕМЕ НАВИСТИНА ЌЕ СЕ ИГРА!
На прашањето дали ваквата промена би довела до подолго времетраење на натпреварите, Томовски потсетува дека современиот фудбал веќе се соочува со слични дилеми.
„Натпреварите и денес често траат повеќе од сто минути. Разликата е што дел од тоа време не се игра. Ефективното време во судиското продолжение не го продолжува натпреварот – тоа само гарантира дека доделеното време навистина ќе се игра.“
Како споредба, тој го наведува и примерот од професионалната кошарка.
„Во НБА последните минути од натпреварите често траат значително подолго поради тајмаути, фаули и видео проверки. Но тоа не се смета за проблем, затоа што токму тогаш се создава најголемата спортска драма. Слично може да се случи и во фудбалот – кога топката е во игра, публиката добива вистинска завршница.“
На крајот, Томовски потенцира дека неговата намера не е да се наметне готово решение, туку да се отвори поширока стручна дискусија.
„Фудбалот е премногу голема игра за да дозволиме нејзиниот најдраматичен дел – завршницата на натпреварот – да се претвори во серија прекини, расправии и манипулации со времето. Моето решение не воведува нови казни, не ја комплицира играта и не ја менува нејзината суштина. Тоа само гарантира дека времето кое е доделено навистина ќе се игра. Кога времето е реално, исчезнува мотивот за одолговлекување. А кога исчезнува мотивот за одолговлекување, фудбалот се враќа таму каде што припаѓа – на играта, а не на манипулацијата со времето.“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

