По шест годишна пауза Работнички се враќа на интернационалната сцена

Најтрофејниот македонски кошаркарски тим Работнички по шест годишна пауза денеска од 20 часот и 30 минути со натпреварот против Рапид Букурешт се враќа на интернационалната сцена со настап во квалификациите за ФИБА Еврокупот, турнир кој „црвено-белите“ ќе го играат на домашен терен во СРЦ „Кале“.

На патот до групната фаза покрај средбата против романскиот претставник центарци ги очекуваат и средбите против азербејџанскиот Сабах кој е предводен од македонскиот стратег Бобан Митев, како и доскорешниот тим на македонскиот репрезентативец Андреј Магдевски, холандскиот Донар Гронинген, натпревари кои ќе бидат одиграни во вторник, односно четвртокот исто така од 20 часот и 30 минути.

Последното учество на Работнички во интернациоанлните натпреваувања беше токму во квалификациите за ФИБА Еврокупот во 2017 година кога за противник македонскиот тим ја имаше руската Парма. Тогаш патникот во следната фаза беше одлучуван според елиминација во двомеч, а Работнички ги загуби двете средби против фаворизираниот руски состав.

Овој пат групната елиминација против холандски, азербејџански и романски тим дава надеж за враќање на „црвено-белите“ во интернациоанлните натпреварувања каде беше постојан учесник во 90-тите години. Работнички има силен состав со добро пополнети позиции, ќе ја има и поддршката од своите верни навивачи па останува на тренерот Димитар Мираковски да ги „посложи коцките“ за нови успеси.

Покрај Работнички во квалификациите за ФИБА Еврокупот ќе настапи и Феникс 2010 кој своето историско деби ќе го има утре на Кипар против домаќинот Керавнос.

Се вчитува...